Преврат во Исламската верска заедница

04.05.2015 16:47

Скопското муфтиство насилно ја презеде ИВЗ. Скопскиот муфтија со група поддржувачи упадна во зградата на Исламската верска заедница и објави дека Сулејман Реџепи не е повеќе поглавар на ИВЗ. Нема информации каде е досегашниот верски водач...

Скопското муфтиство ја презеде ИВЗ, откако изутрината група предводена од скопскиот муфтија Ибраим Шабани и секретарот на ИВЗ, Африм Тахири упаднале во седиштето. Било пукано во воздух, но никој не е повреден. Разрешени во четвртокот од ријасетот и поглаварот Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, дошле по одговор зошто не добиле извинување од него, за како што велат, пцовките при куранското читање.

Сметаат дека се незаконски разрешени и ги запоседнаа работните простории на реисот. Toj, за време на инцидентот, не бил присутен. По два часа разрешениот од ријасетот, скопскиот муфтија Шабани излезе со став дека ИВЗ е во вонредна состојба и дека досегашното раководство не постапувало според највисоките акти на ИВЗ, а поглаварот ги навредувал верниците и нивните сопруги.

„ИВЗ на РМ ќе се раководи од едно привремено раководство на чело со муфтијата на муфтиството на ИВЗ Скопје“, изјави Ибрахим Шабани, скопски муфтија.

Донесе свој сведок да потврди дека реисот наводно навредувал.

„Пцуењето на оџите и нивните семејства е повеќе од трагично. Верувам дека таква личност не заслужува да раководи со ИВЗ. Свесен сум дека можеби ќе имам притисоци, дека ќе сум во ризик, но ова го правам во интерес на муслиманите, а не за други интереси“, рече Самет Авдиу, сведок.

Се шпекулира дека следбениците на скопскиот муфтија со привремениот совет веќе заседаваат за избор на нов реис. Но тоа никој ниту ги потврдува ниту ги отфрла. А, од кабинетот на реисот Реџепи, пак, не информираа дека наскоро ќе излезат со свој став и дека не би коментирале ништо во врска со самопроглсувањето.

Инцидентот следува откако истече ултиматумот од 48 часа кој муфтијата Шабани му го постави на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи за да се извини јавно за навредите изречени на манифестацијата за успешно завршената денационализација на имотот на ИВЗ.

 

 

Фиљана Кока