Доделени наградите „Гоце Делчев“: Речникот е нашето најсилно оружје!

04.05.2015 16:52

Велковска посочи дека во речникот е претставена јазичната слика на македонецот на крајот од 20-от и почетокот на 21-ви век...

Елизабета Бандиловска-Ралповска, Олгица Додевска-Михајловска, Снежана Велковска, Снежана Веновска-Антевска, Елка Јачева-Улчар, Виолета Николовска, Фани Стефановска-Ристеска, Катица Топлиска-Евроска и Живко Цветановски, се добитници на врвната национална награда „Гоце Делчев“ за Толковниот речник, импозантното дело на овој авторски тим. Заблагодарувајќи се во името на авторите, но и на другите добитници, Велковска посочи дека  во речникот е претставена јазичната слика на македонецот на крајот од 20-от и почетокот на 21-ви век. 

„Речникот е најдобриот одговор на сите негирања и обиди да се смени нашето име, нашиот идентитет, наследен од нашите прадедовци. Речникот е нашето најсилно оружје. Тука може да си види колку македонскиот јазик е поразличен од останатите словенски јазици“, нагласи Снежана Велковска, лингвист.

Највисока државна награда во областа на науката ја добија и Билјана Јолевска-Тунеска и Аслан Хамити за делата „Резултати за композија и неутрикс композиција“односно  „Говорот на албанците од скопска Црна Гора“. Со својот вкупен влог во национално-ослободителното револуционерно движење, Делчев покажа интерес кон науката, посебно кон историјата и филозофијата, оцени академик Владо Камбовски.

„Нејзините широки простори не ги отвора денес, за разлика од гоцевото време, оружјето или силата, туку науката, образованието, културата и другите творечки изрази на човековата личност, според истиот негов закон на слободата“, рече академик Владо Камбовски.

Многубројни делегации денеска се поклонија пред монументалното дело на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, а пред неговиот саркофаг и моштите беше служена и панихида со која се одбележаа 112 години од загинувањето кај село Баница.

 

Игор Панов