Наредните три месеци - клучни за европскиот пат на Македонија
Министерот за надворешни Попоски бара сите чинители да ја одиграат својата улога, бидејќи делиме заеднички национален интерес. За Европската унија е важно да види како самите се справуваме со предизвиците...

Ова се клучни три месеци во кои длабочински ќе бидат оценувани резултатите поврзани со политичкиот дијалог во земјава и врз база на тие оценки ќе се формира и извештајот за Македонија. Ова е ставот на министерот за надворешни работи, Никола Попоски кој исто така оцени и дека е потребна акција од сите политички чинители во земјава за реализирање на заедничкиот национален интерес.
„Најмногу се работи за перцепцијата која се има надвор за недостаток на конструктивен политички дијалог. Во однос на таа оценка која не е техничка и математичка, туку е повеќе за начинот на кој се дискутира институционалниот одговор, на прашањата во рамки на институциите на РМ е клучното за што одогвороноста, и при добар и при негативнен резултат ќе биде споделен помеѓу сите политички чинители“, вели министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Освен политичкиот дијалог, Македонија е соочена и со наметнатиот проблем со името од Грција, што дополнително ја закочува Евроинтеграцијата. Попоски вели дека двете земји, веќе размениле појдовни мерки за градење доверба и дека се разгледува што е прифатливо за двете држави.
„Постојат мерки кои се предложени и од наша и од грчка страна кои изводливо е да се реализираат на краток рок, за кое сме дискутирале и во минатото и за што нема конкретна причина зошто би се одложувале“, вели Попоски.
За Европската Унија е најважно да види како се соочуваме и како самите одговараме на тековните предизвици, вели попоски. Според него, по шест последователни препораки, комисијата овојпат ќе биде под силен притисок за определен исчекор што за нас би значело почнување на преговорите. Затоа смета дека ние треба да и дадеме повод за отворање на поглавјата.
Катерина Топалова
