Иновации: 78 кандидати аплицирале за грантови

04.05.2015 17:19

Првите договори треба да бидат склучени во наредниот месец, а за иноваторите се предвидени средства во износ од 600.000 евра...

78 кандидати аплицирале на првиот повик на Фондот за иновации за добивање средства за пронајдоци. Стручниот комитет во следната недела ќе треба да ги селектира оние чии што проект, или идеја имаат најголема иновативност и креативност. Првите договори треба да бидат склучени во наредниот месец, а за иноваторите се предвидени средства во износ од 600.000 евра.

„Ова беше прв повик којшто го имаме објавено, следниот би бил до крајот на оваа година, а вкупниот износ којшто е планиран за грантови е 2 милиони 280 илјади евра“, изјави Јасмина Поповска, директор на Фонд за иновации.

Иновациите се движечки фактор на светската економија, тоа ги одвојува земјите во светот од успешни и не успешни - рече премиерот Никола Груевски. Направи споредба со Израел, каде 50 проценти на извозот на оваа земја се заснова на иновации. За првпат во Македонија е изработена Стратегија за иновации, на која работеа врвни  домашни и меѓународни експерти.

„Јас водам специјално формиран комитет за иновации во Владата со многу соработници во него, а имам ангажирано и еден од најдобрите светски експерти за иновации и системи кои ги поддржуваат иновациите. направивме и многу други чекори и има сериозно поместување. Но, сеуште за една мала група луѓе во Македонија, поимот иновации се восприема, како нешто што ние не го можеме, туку тоа го може некој друг, како нешто многу слкожено, или како правење на најсовремен свемирски брод“, изјави премиерот Никола Груевски.

Владата со помош на светска банка обезбеди 8 милиони евра за првите три години за Фондот на иновации предметот  претприемништвото , бизнис и иновациите е задолжителен во средното образование , но и за полуматурантите.

 

Викторија Тодоровска