Малмстром: Во договорот за слободна трговија да се вклучат и земјите кои не се членки
Соединетите Американски држави и Европската унија во Њујорк го завршија 9-тиот круг на преговори околу Договорот за слободна трговија. За Унијата овој договор е од исклучителна важност и во него треба да се вклучат и земјите што не се членки, изјави еврокомесарот за трговија Сесилија Малмстром...

Договорот за слободна трговија меѓу Соединетите Американски Држави и Европската унија има економско, политичко и стратешко значење. Добро е земјите кандидати да бидат вклучени во договорот, оцени еврокомесарот за трговија Сесилија Малстром во Вашингтон.
„Земјите што не се членки го следат за текот на преговорите со голем интерес и ние редовно ги информираме. Тие изразија подготвеност да се вклучат во Договорот за слободна трговија по потпишувањето, и мислам дека тоа е добра идеја. Ако успееме да ги вклучиме земјите од соседството како Мексико на пример или Норвешка и земјите кандидати, и треба да го држиме отворен овој проспект за нив“, вели еврокомесарот за трговија, д-р Сесилија Малмстром.
Унијата неодамна го склучи договорот за слободна трговија со Канада, Еквадор, Јапонија и Сингапур, а во преговори е со земји во Азија , Јужна Америка и Африка. Сето ова иницираше дебата и загриженост кај европските граѓани поради можните последици по економијата во Европа што се уште е во криза.
Договорот за слободна трговија меѓу САД и ЕУ треба да биде потпишан во 2016-та година, но од американска страна нема голема заинтересираност за ова бидејќи идната година е изборна година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
