Амбасадорите со пораки за единство и политички дијалог
Пораки за политички дијалог и единство упатија амбасадорите на земјите- членки на ЕУ. На работниот појадок со вицепремиерот Бесими беа поканети и поранешните вицепремиери за европски интеграции...

Пораки за единство, политички дијалог и надминување на тековните предизвици. Ова биле главните барања на амбасадорите на земјите-членки на Унијата кои ги соопштиле на појадокот со вицепремиерот Бесими. Пред камерите застана единствено амбасадорот на Австрија во земјава, кој порача дека ЕУ ќе направи голема грешка доколку не и даде препорака на Македонија и оваа година.
„Мојот личен став е дека ќе биде голема грешка нема препорака бидејќи треба да се гледа пошироко. Ова е во прашање на Европската Унија, прашање на иднината на регионот, на стабилноста. Австрија ќе направи се за да се одржува врската со институциите на Европската Унија, а најдобрата врска е препораката која е охрабрување од Брисел“, изјави австрискиот амбасадор, Андреас Бауер.
Освен амбасадорите, на појадокот присуствуваше и министерот за надворешни работи Никола Попоски. Тој посочи дека за успесите и не успесите на државата ќе бидат одговорни сите политички чинители во земјава.
„Се она што се однесува на било кои одлуки кои треба да ги донесеме во Македонија, треба да зависат од политичките чинители во Македонија. Во принцип ние ги носиме одлуките и од нас зависи каква ќе биде иднината и препораките и перспективите за интеграција во ЕУ“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Во период кога се погласни се пораките однадвор но и одвнатре дека актуелните политичари мораат да бидат единствени во исполнувањето на се што е од национален интерес и заеднички да ја надминат актуелната состојба, значајно е да се каже дека на поканата на поранешни вицепремиери за евроинтеграции единствено се одзва ивица боцевски. Отсуството на останатите поранешни први луѓе на евроинтеграциите, Бесими го оправда и рече дека поради приватни причини не присуствувале.
„Најголем дел од нив се отсутни од лични причини, нема никаква политичка порака, овој собир е од неформален карактер“, рече Бесими.
Бесими на појадокот побарал од амбасадорите некои позитивни сигнали, како што е спроведување на скрининг на најважните поглавја 23, 24 и 32 или барем во знак на добра воља, добивање на скрининг листи за сите поглавја.
Катерина Топалова
