Туристите од Холандија и од Белгија ја отворија летната сезона на охридското крајбрежје

05.05.2015 14:14

На аеродромот „Свети Апостол Павле“, слета првиот чартер, а редовни летови од овие земји се очекуваат до средината на октомври. Некои доаѓаат за прв пат, а некои дури по петнаесетти. Се проценува дека годинава нивниот број е за 20 насто поголем од лани...

Првата група од 180 холандски туристи со чартер лет допатува на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Гостите кои ја отворија летната сезона беа дочекани со воден мост во форма на виножито и традиционалната закуска од леб и сол. Ова е првата група туристи што доаѓа преку холандскиот туроператор „Корендон“, а повеќето од нив веќе биле во Македонија и како што велат повторно се враќаат заради гостопримството, добрата храна, климата и природните убавини.

„Прв пат доаѓаме во Охрид и тоа на меден месец. Очекуваме многу од ова романтично и тивко гратче.“

„Понесена од убавините,четири години по ред во Охрид доаѓаше мојата сопруга. Годинава одлучивме да дојдеме семејно и верувам дека прекрасно ќе си поминеме.“

„Во Охрид доаѓам по 15-ти пат. Прв пат кога дојдов во 1971 година си купив речник и почнав да учам македонски. Сакам да се разбирам полесно со луѓето од мојата втора татковина-Македонија.

Годинава доаѓаме на свадба тука, ќе го жениме мојот другар за македонка. Нашата невеста е многу убава стружанка која го освои срцето на еден холанѓанец“, велат туристите кои ги анкетиравме.

Само преку туроператорот „Корендон“ и локалниот партнер „Фибула Травел“ од земјите на Бенелукс на охридското крајбрежје ќе одмораат над 12 илјади туристи, што е за 20 проценти повеќе од лани.

„Очекувањата се гостите како и години наназад да бидат задоволни,да им се нудат што е можно попрофесионални услуги и екскурзии за тие повторно да се вратат  во наредните години“, вели Асим Меѓедовиќменаџер на „Фибула Ер Травел“.

„Оваа година компанијата ТАВ даде дополнителни атрактивни попусти за компаниите кои летаат на охридскиот аеродром и очекуваме тој број да се зголемува со оглед на тоа што се повеќе и повеќе туристичката понуда на охридската ривиера ги задоволува потребите на голем број туристи од регионот и светот“, изјави Зоран Крстевски-генерален директор на „ТАВ Македонија“.

На 10-ти мај ќе пристигне и првата група туристи преку туроператорот „ТУЈ Аракетравел“, така што се очекува од земјите на Бенелукс со 130 авиони до средината на октомври во Македонија да допатуваат околу 25 илјади туристи.

 

Сашо Нелоски