Винариите очекуваат раст на извозот за 40%

05.05.2015 14:40

Со подршка од 500 илјади евра годинава ќе се субвенционираат македонските винарии кои здружени ќе настапат на саемите во Германија, Русија и Кина. Целта е да се зголеми извозот на вино во шишиња...

Квалитетното македонско вино одлично се продава на светскиот пазар, велат сопстевници на винарии. Очекуваат извозот во наредните години да порасне за 40 проценти. Со подршка од 500 илјади евра годинава ќе се субвенционираат македонските винарии кои здружени ќе настапат на саемите во Германија, Русија и Кина. Целта е да се зголеми извозот на вино во шишиња.

„Имаме солидна основа со поддршка на сите релевантни институции кои го поддржуваат извозот и развојот на винарската индустрија во Македонија да оствариме уште поголеми резултати. Наша цел е после пет години најмалку 50% од извозот да биде вино пакувано во шишиња, а вкупната вредност на извозот да се зголеми за најмалку 45%“, изјави Ѓорѓи Петрушев, претседател на здружението „Вина од Македонија“.

Проблем останува исплатата на грозјето. Сеуште има винарии кои не ја исполниле обврската за минатата реколта. Според законските прописи, винариите кои нема да го подмират заостанатиот долг и по продажбата на виното, ќе го изгубат правото за откуп, вели министерот за земјоделство Цветков.

„За прв пат е испилнета квотата на флаширано вино од 91 илјада хектолитри. Имајќи предвид дека за четирите месеци оваа година, веќе 35% од квотата е исполнета, очекуваме дека и оваа година ќе ја исполниме. Оптимист сум дека винариите ќе имаат пари и ќе ги исплатат лозарите“, смета Михаил Цветков, министер за земјоделтсво, шумарство и водостопанство.

Македонија има 24.000 хектари лозови насади. Годишно се произведуваат 220 милиони литри вино. Производството на грозје и вино учествува со околу 17-20% во бруто домашниот производ, а виното е вториот најизвезуван производ по тутунот.

 

Дијана Ценевска