Спротивставените во ИВЗ остануваат на позициите

05.05.2015 15:24

Вработените во ИВЗ објаснуваат дека не сакаат да им препуштат на насилниците. За тројца од нив, поради влошена здравствена состојба интервенирала првата помош. Но тоа, велат, нема да ги поколеба...

Секоја од страните во случајот во својот ров. Ваква е состојбата во Исламската верска заедница (ИВЗ). Истомислениците на скопскиот муфтија распоредени во дворот пред седиштето со своедвиден притисок на вработените кои од вчера одбиваат да заминат од зградата.

„Немаме ништо проитв вработените, ние имаме само со реисот работа“, вели еден од истомислениците на скопскиот муфтија.

Во зградата неколкумина униформирани полицајци како тампон помеѓу поддржувачите на муфтијата и вработените во ИВЗ. Вработените во ИВЗ објаснуваат дека не сакаат да им препуштат на насилниците. За тројца од нив, поради влошена здравствена состојба интервенирала првата помош. Но тоа, велат, нема да ги поколеба.

„Се наоѓаме под вистинска опсада, надвор имаме над 50 вооружени лица, ние внатре сме околу 15 лица, но нашиот мотив и нашиот морал е многу висок“, изјави Агрон Војнику, шеф накабинетот на реисот Сулејман Реџепи.

Голема е напнатоста меѓу верниците од двата табора.

Додека нивните поддржувачи се пред седиштето на ИВЗ, скопскиот муфтија и генералниот секретар се наоѓаат во неговата канцеларија. Меѓу нив и вработените нема речиси никаква комуникација.

Реисот од Кондово повика државните институции да преземат мерки според законите, а разрешениот муфтија и генералниот секретар порачаа- државата да не се меша во нивните внатрешни работи.

„Ние оваа чорба ја испивме во 2005-та со Ариф Емини, ако полицијата тогаш не дојде, не треба да дојде и сега“, вели Ибраим Шабани, скопски муфтија.

Спорејќи го легитимитетот на реисот и шестте муфтии, сепак генералниот секретар го оспори и сопствениот легитимитет дури од 2011 година бидејќи, правилник за избор на реисот сеуште не бил донесен, па побара:

„Оставка на поглаварот и сите легитимни муфтии да се соберат за да се најде начин како да се формира комисија и да се дојде до нов правилник“, рече Африм Тахири, генералн секретар на ИВЗ.

Реисот Сулејман Реџепи не е во седиштето на ИВЗ, а со институцијата раководи од Кондово. Веќе оддржа средба со муфтиите, а во тек се неговите разговори со дипломатскиот кор во земјава.

На вработените им порача да истраат бидејќи продолжуваат напорите за правна разврска на случајот.

Фиљана Кока