„Јупитер“ им се извини на патниците, менаџерот вети дека ќе им бидат вратени парите

05.05.2015 16:34

Менаџерот кој деновиве беше на тапет вети дека ќе им бидат вратени и парите за нереализираните факултативни посети. Ги повика патниците утре да поднесат барања...

Туристичката агенцијата Јупитер им се извини на патниците за стресот и непријатните случувања на патувањето во Истанбул. Менаџерот кој деновиве беше на тапет вети дека ќе им бидат вратени и парите за нереализираните факултативни посети. Ги повика патниците утре да поднесат барања.

„Утре канцеларија ќе работи од 10 до 17 часот, секој ден како што си работи нормално, и сите патници кои беа на оваа тура ќе може да повелат во канцеларијата и да напишат барање за рефундација на седства на нереализираните факултативни излети којшто во законски рок ќе им бидат исплаени во целост“, изјави Бојан Јовановски, менаџер на ТА „Јупитер“.

Јовановски тврди дека парите за сместување биле уплатени месец дена пред тргнување. Проблемот настанал зашто локалниот тур- оператор не ги платил во целост на еден од хотелите каде биле сместени македонските туристи. Демантира дека 400 луѓе биле држени во заложништво и дека му е одредена казна затвор и забрана за влез во Турција.

Јовановски денеска се јавил и во Државниот пазарен инспекторат. Ги повикал да ја посетат агенцијата „Јупитер“ и да ги направат потребните контроли. Но, инспекторите биле на терен и повторно наишле на затворени врати.

„Санкциите се различни во зависност од нерегуларностите кои ќе бидат констатирани, можно е и да се покрене постапка за одземање на лиценца врз основ на записник, понатаму доколку се утврдат сериозни неправилности, имаме забрана за вршење на дејност и секако се изрекуваат соодветни парични казни како за одговорното, така и за правното лице“, изјави Кирил Миноски, директор на Државниот пазарен инспекторат.

Измамените туристи денеска имаат средба. Тие вчера почнаа да собираат потписи за колективна тужба. Велат дека правдата ќе ја тераат на суд.

 


Сунчица Николоска