Домашните фирми се вмрежуваат со странските инвеститори
Податоците на Дирекцијата покажуваат дека околу 500 домашни компании работат со странците. Фирма од Кочани прерасна во глобален добавувач на Џонсон Мети, а партнереството на Ван Хул со Актива резултираше со изградба на нова фабрика во Штип, која работи за потребите на Белгијците...

Домашниот бизнис го почна процесот на вмрежување со компаниите од слободните зони. На терен, се детектираат потребите на странците и можностите на локалните фирми, каде и во кој дел можат да се вклучат во добавувачкиот синџир, да понудат конкурентна цена, но и квалитет потврден со соодветен сертификат. Своја анализа прави и американска компанија од автомобилскиот сектор чии претставници ја скенираат Македонија и уште две држави.
„Компанијата ќе посети 7 домашни фирми кои претставуваат нивни потенцијални добавувачи. Конечен избор дали ќе инвестираат во земјава ќе зависи од тоа дали ќе можат да најдат соодветна база на локални фирми кои можат да бидат вклучени во овој процес“, вели Виктор Мизо, директор на слободните зони.
Податоците на Дирекцијата покажуваат дека околу 500 домашни компании работат со странците. Фирма од Кочани прерасна во глобален добавувач на Џонсон Мети, а партнереството на Ван Хул со Актива резултираше со изградба на нова фабрика во Штип, која работи за потребите на Белгијците.
„Ова е нов модел кој треба да се експлоатира во делот на инвестициите со цел намалување на невработеноста“, изјави Сашо Кожухаров, универзитетски професор.
Поврзувањето со странските инвеститори креира дополнителна вредност во економијата, отвора нови можности за домашниот бизнис, креира нови работи места, влијае за намалување на увозот и за подобрување на трговскиот биланс.
„Растот на БДП, привлекувањето СДИ, отворањето нови работни места влијаат на зголемувањето на побарувачка на труд, за формирање маса на средства кои ја поттикнуваат потрошувачката, а тоа влијае на зголемување на производството, за нови вработувања, за позитивни трендови во економијата“, смета Јован Пејковски, универзитетски професор.
И Советот на странски инвеститори при Стопанската комора креираше бизнис – директориум, преку кој на инвеститорите им се ставаат на располагање сите потребни податоци за капацитетот на домашните фирми, а Владата најави дека ќе ангажира и консултант чија работа ќе биде да креира нови партнерства меѓу македонските и странските фирми.
Мартин Пушевски
