Заев објави нов сет аудио снимки

05.05.2015 16:50

Тој тврди дека од нив се слушало како министри во владата и државни функционери се договарале да прикријат одредени елементи од истрагата за убиството на 21-годишниот Мартин Нешковски на плоштадот Македонија пред четири години...

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на прес-конференцијата во партиското седиште објави нов сет на аудио снимки од прислушкувани телефонски разговори кои ги поседува. Тој тврди дека од нив се слушало како министри во владата и државни функционери се договарале да прикријат одредени елементи од истрагата за убиството на 21-годишниот Мартин Нешковски на плоштадот Македонија пред четири години. Според Заев, за овој случај требало да има повеќе одговорни.

„Зошто МВР со денови молчеше и го прикриваше убиството? Зошто одговорноста за убиството се сведе индивидуално, само на еден човек? Зошто никој не поднесе командна или политичка одговорност за згаснување на млад човечки живот?“, рече Заев на прес-конференцијата.  

Заев ја одби понудата од премиерот Груевски да се разговара за петте теми кои ги упати Груевски од конгресот во Куманово. Останува на барањата на СДСМ за формирање преодна влада која што би организирала нови избори.

Порача дека со најавениот протест ќе се испрати порака од народот за враќање на слободата и демократијата, зашто како што рече, актуелната власт нема легитимитет да продолжи да ја води земјава.

 

Игор Панов