Брисел: Македонија со највисок раст во Европа
Македонската економија ќе расте најбрзо во Европа оваа и наредната година - пролетна прогноза на Европската комисија. Брисел предвидува раст на БДП од 3,8% годинава и пад на невработеноста...

Македонија ќе има највисок економски раст во Европа оваа и следната година, предвидува пролетната економска прогноза на Европската комисијa. Во Брисел комесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси ја објави новата економска прогноза на Европската унија, според која Македонија се очекува да има раст на Бруто-домашниот производ од 3,8 проценти во 2015-та година, односно 3,9 отсто идната година, со што е на првото место во целиот континент.
Колку за споредба, Европската унија ќе има 1,8 проценти раст на БДП годинава, а само 2,1 отсто догодина. Во рамки на Унијата, највисок економски раст се очекува да имаат Ирска и Малта.
„Европската економија напредува, благодарејќи на неколку фактори одеднаш. Цената на нафтата останува релативно ниско, глобалниот раст и еврото се стабилни, а економските политики кои ги проведува Европската централна банка имаат значајно влијание на финансискиот пазар“, смета еврокомесарот за економски и финансиски прашања, Пјер Московиси.
Европската комисија очекува во Македонија буџетскиот дефицит да падне од -4,2 отсто лани, на -3,8 проценти годинава, а идната година да достигне -3,6 проценти. Затоа, пак, јавниот долг на Македонија се очекува да продолжи да расте и годинава да достигне 29,1 отсто, а догодина - 40,5 проценти. Во споредба со европскииот просек од 60 проценти, Македонија важи за ниско до средно задолжена земја.
Невработеноста ќе продолжи да се намалува и годинава ќе биде 27,4 проценти, со тенденција за натамошно намалување. Инаку во рамките на ЕУ, највисока стапка на невработеност има во Грција со 25,6 проценти, a зад неа е Шпанија. За нашата држава комисијата оценува дека извозот и зголемувањето на инвестициите го движеле растот во 2014-та година, при тоа потенцирајќи дека големите јавни инфраструктурни проекти и растот на извозот, главно се должеле на странските компании, основани во земјата.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
