Се заокружува подводната авантура во Охридското Езеро
Подводната авантура на познатиот охридски нуркач, Милутин Секулоски- Миќо, се одвива според планираното. Тој веќе пренурка педесеттина километри долж крајбрежјето на потегот Oхрид- Струга до албанскиот град Поградец, а кај Свети Наум се врати во македонскиот дел од езерото...

Нуркачкиот подвиг на охриѓанецот, Милутин Секулоски - Миќо, кој започна на 28-ми фебруари полека се заокружува. Познатиот меѓународен нуркачки инструктор веќе пренурка околу 50 километри од предвидените 80 километри и 322 метри.По пренуркувањето на албанскиот дел од езерото,тој кај Свети Наум ја продолжи подводната експедиција кон Охрид.
„Се оди според планираното,по онаа динамика на проектот и се надеваме до крајот на месец мај да стигнеме на градското пристаниште во Охрид“, изјави Милутин Секулоски-Миќо, меѓународен нуркачки инструктор.
Неповолните временски услови во изминатите два месеци кога температурата на водата беше помеѓу 7 и 9 степени не го поколебаа Секулоски, кој имаше огромна подршка од неговите македонски и албански колеги.
„Еве денеска со големо задоволство завршивме албанскиот дел од езерото и веќе ги испраќаме пријателите од Македонија да се вратат во Охрид“, вели Ерик Мато, нуркач од Албанија.
Во текот на подводната авантура која се одвива на длабочина од 5 до 15 метри Секулоски и неговите колеги снимаат и фотографираат,што секако ќе придонесе да бидат позиционирани локации кои ќе бидат од интерес за научната јавност од двете страни на езерото.
Сашо Нелоски
