Холандска „Антхура“ ја отвора фабриката во Кочани

06.05.2015 12:10

Холандската компанија ќе инвестира над шест милиони евра и ќе вработи над 300 граѓани во кочанскиот регион во фабрика со најсовремена технологија за производство на орхидеи и украсни цвеќиња наменети за глобалниот пазар. Антхура МК почна со градба на фабриката во декември 2013, а веќе од оваа година има тековно пробно производство и 150 вработени лица...

Министерот беза ресор, за привлекување странски инвестиции Веле Самак и претставници на мултинационалната холандска компанија „Антхура Интернатионал БВ“ денеска ќе присуствуваат на отварањето на новоизградената фабрика на холандскиот инвеститор во Кочани.
 
Како што соопштуваат од кабинетот на министерот Самак, холандската компанија ќе инвестира над шест милиони евра и ќе вработи над 300 граѓани во кочанскиот регион во фабрика со најсовремена технологија за производство на орхидеи и украсни цвеќиња наменети за глобалниот пазар. Антхура МК почна со градба на фабриката во декември 2013, а веќе од оваа година има тековно пробно производство и 150 вработени лица.   
 
Ова е уште еден пример на отворање работни места преку нови фабрики како резултат на огромните напори за привлекување странски фирми во Македонија. Особено задоволство ми е што оваа фабрика ќе произведува украсни орхидеи преку врвна технологија и висока додадена вредност во Македонија, истакна министерот Самак.
 
Споре него, првичните контакти со холандската мултинационална компанија „Антхура Интернатионал БВ“ беа остварени во октомври 2012 година. Една година подоцна компанијата донесе одлука за инвестирање во Република Македонија. Ваквата одлука беше донесена во услови на силна конкуренција од земјите во поширокиот регион, а како резултат на севкупните напори на сите вклучени институции.
 
„Антхура Интернатионал БВ“ е брзо растечка компанија позиционирана во врвот на глобалната хортикултурна индустрија, особено во делот на цвеќарството т.е флорикултурата, фирма број еден во светот за одгледување и размножување антуриуми, меѓу најдобрите за орхидеи. Има годишен обрт од над 50 милиони евра и производни локации во Холандија, Германија и Кина во кои има вкупно над 700 вработени.