МВР: Повредени 38 полицајци, приведени 30 демонстранти
За време на протестот уништени се седум полициски возила и друга опрема, искршени се прозорците на Радио Слободна Македонија, а било симнато и македонското знаме од јарболите пред Владата...

Во вчерашните насилни протести пред Владата на Република Македонија, повредени се вкупно 38 униформирани полициски службеници од кои 6 полициски службеници се задржани на понатамошно лекување, додека останатите по укажана лекарска помош се пуштени на домашно лекување.
Како што соопшти МВР, до овој момент, едно цивилно лице се пријавило со повреди во ГОБ „8-ми Септември“ кое изјавило дека е физички нападнато пред Владата на РМ.
Во нередите од слобода се лишени и приведени вкупно 30 лица, од кои 2 малолетни лица. Малолетниците се ослободени по обавен разговор околу 03 часот, додека останатите се задржани до завршување на постапката. Едно лице е однесено во Клинички центар на клиниката за Токсикологија во алкохолизирана состојба, по што е приведен во полициска станица.
За време на протестот уништени се седум полициски возила и друга опрема, искршени се прозорците на Радио Слободна Македонија, а било симнато и македонското знаме од јарболите пред Владата.
Полицијата не употреби прекумерна сила, а демонстрантите први почнале да ги уриваат полициските огради, изјави денеска ресорната министерка Гордана Јанкулоска.
„Во времето од 18:30 до 19:30 часот од страна на групата граѓани која се наоѓала на скалите иницирала повеќе насилни инциденти и го нарушила јавниот ред и мир. Во неколку наврати со бекатон плочи, камења, шишиња, јајца, домати и други тврди предмети е фрлано кон кордонот од униформирани полициски службеници, како и објектот на Владата на РМ, а симнати се и државните знамиња од јарболите. Од страна на одговорен старешина, дадена е усна наредба кон собраната маса, мирно да се разотидат и да не го нарушуваат јавниот ред и мир, но наредбата не е испочитувана и масата повторно почна со фрлање на предмети. По ова од страна на униформирани полициски службеници е пристапено кон потиснување на масата и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир, при што масата е насочувана по бул. „Св.Климент Охридски“ кон Соборен Храм, бул. „Партизански Одреди“ и бул. „Илинден“ во правец кон фонтана во Градскиот парк“, соопшти министерката Јанкулоска.
Единица за насилен криминал, во соработка со Основното Јавно обвинителство во Скопје, извршила службени разговори со приведените лица и од досега прегледаните видео записи утврдено е учество односно идентификувани се 12 лица кои учествувале во вандалските напади врз полицијата.
