Јанкулоска: Полицијата не употреби прекумерна сила
Во синоќешните насилни протести пред Владата се повредени 38 полициски службеници, а се приведени 30 демонстранти, меѓу кои двајца малолетници. На протестите се консумираше и алкохол, еден демонстрант е хоспитализиран на Клиниката за токсикологија. Полицијата не употреби прекумерна сила, велат во МВР...

38 полицајци се повредени во синоќешните протести пред Владата. Шестмина веднаш биле хоспитализирани, а во болница се јавил и еден демонстрант. Во немирите кои ескалираа, причинета е голема материјална штета, велат од МВР. Протестантите демолирале седум полициски возила. Го симнале и искинале државото знаме, а на специјалците им искршиле 22 штитника и 5 шлема. Во канонадата од камења, јајца и домати, настрадале и прозорците на Владата.
„Од слобода се лишени и приведени се вкупно 30 лица, од кои 2 малолетни лица. Малолетниците се ослободени по обавен разговор околу 03 часот, додека останатите се задржани до завршување на постапката. Едно лице е однесено во Клинички центар на клиниката за Токсикологија во алкохолизирана состојба, по што е приведен во полициска станица“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Протестот почна по 18 часот. Прво мирен, а потоа како што велат од МВР, млади девојки ја прескокнале оградата со цел да влезат во Владата. Нивниот пример го следеле и други демонстранти. Полицијата без употреба на сила ја разбила толпата во три правци.
„Полицијата со најмала употреба на било кое полициско овластување, успеа со потиснување да ја разбие масата. Притоа, не беа користени други мерки на присилба, освен полициското овластување за приведување на лица“, нагласи Јанкулоска.
Претресени се неколку објекти меѓу кои и библиотеката Браќа Миладиновци каде што е пронајден и приведен еден демонстрант. Досега се идентификувани вкупно 12-мина.
За убиството на Мартин Нешковски, Јанкулоска изјави дека случајот е расветлен за 22 часа, а осомничениот изведен пред суд за што му е изречена и 14 годишна затворска казна.
Анита Димитријевска
