Собрание

Апанажа искористиле 51 поранешен пратеник

06.05.2015 15:15

51 пратеник од претходниот состав, една година по престанокот на мандатот, го искористија правото на апанажа. Владејачкото мнозинство пак, очекува пратениците од СДСМ и коалициските партнери да се вратат во собраниските клупи, и да работат за тоа што се избрани...

На 34 поранешни пратеници од предходниот состав и престана правото на апанажа од една година. Последната плата ќе ја добијат заклучно со 9-ти месецов. Со предходното решение на Комисијата за избори и именувања ова право го искористиле уште 17 народни избраници.

„Пратеник во Собранието може да остварува плата и по престанувањето на мандатот- апанажа за време од една година. Ова право го остварија 51 пратеник од мандатниот период во Собранието 2011- 2014- та година. Комисијата по барање на 17 поранешни пратеници, со решение го утврди престанувањето на правото на плата по престанување на мандатот“, изјави Зоран Илиоски, претседател на Комисијата за избори и именувања.

Од парламентарното мнозинство очекуваат и оние пратеници што ја бојкотираат работата во Собранието да се вратат во парламентарните клупи, бидејќи како што вели Василевски, за тоа имаат мандат од граѓаните.

„Сметам дека и останатите пратеници кои се во опозиција, и кои се борат за правото на демократија, а кои протестираат на улица, платите кои ги остваруваат по однос на работен однос во Собранието на РМ, да го остваруваат целосно со партиципација како активни парламентарци“, изјави Сашо Василевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Кон крајот на минатата година Собранието, не обезбеди двотретинско мнозинство, односно 82-ца пратеници за да ја потврди одликата на Комисијата за избори и именувања дека пратениците од СДСМ се неоправдано отсутни од Собранието повеќе од 6 месеци, со што се исполнија уставните можности за одземање на нивниот мандат. Пленарната седница се уште се води како незавршена.

 

Милчо Велески