Продолжува соработка меѓу армиите на Македонија и Србија
Натамошна соработка на македонската и на српската армија договорија началниците на генералштабовите на средбата во Белград. Постои интерес за користење на полигонот Криволак, српска понуда за користење на базата Центар Југ...

Унапредување на соработката меѓу двете армии е импулс за јакнење на безбедноста во регионот-констатирано на денешната средба во Белград на началниците на Генерлштабовите на армиите на двете земји. Двете војски ќе соработуваат на полето на користење на капацитетите за образованието и обука.
„Како началник на генералштабот, го понудивме нашиот полигон Криволак кој овозможува одредени вежбовни активности. Исто така го понудивме и Центарот за обука на пилоти и НАТО центарот за стратегијски комуникации“, изјави генерал Горанчо Котески, началник на Генералштабот на АРМ.
И српската војска сака да ја унапреди соработката на полето на образованието, обуката и усовршувањето во воената медицина.
„АРМ има добар центар за обука на пилоти на хеликоптери и располага со современи тренажери. Од друга страна ние ги развивме капацитетите на АБХО, тука се и капацитетите на базата ЈУГ и на техничко-ремонтниот завод. Сето ова, во било кое време е отворено за обука и друга соработка за потребите на АРМ“, рече генерал Љубиша Диковиќ, началник на Генералштабот на српската војска.
На средбата е разговарано за можноста за формирање на единици за реeкција во кризни ситуации, предизвикани од елементарни непогоди. Минатата година двете војски реализирале 23 заеднички активности, а разговарано е и за заедничко учество во операциите на ОН, НАТО и на ЕУ.
Македонија е меѓу 5-те земји оснивачи на Европската борбена група, која е зачетник на војската на ЕУ.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
