ИВЗ: Скопски имами со поддршка за реисот

06.05.2015 16:30

Дваесеттина имами од скопското муфтивство со поддршка за реисот како легален поглавар. Се противат на расколот и ги осудија постапките на оние кои го запоседнаа седиштето на ИВЗ. Нема крај на поделбите во Исламската верска заедница...

Дваесетина имами од скопското муфтиство предводени од кондовскиот имам Невзат Амети излегоа со поддршка на реисот Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи. Според нив, потегот на скопскиот муфтија чии поддржувачи упаднаа во ИВЗ е незаконски и неуставен. Амети посочи дека тие нема да дозволат раскол меѓу верниците, ниту дејствија кои се косат со одлуките на ријасетот на ИВЗ.

„Tука сме за да им кажеме на сите дека не дозволуваме раскол помеѓу муслиманите од скопје и ги осудуваме сите насилни акти. Ви даваме до знаење дека силно стоиме зад одлуките на ријасетот на Исламската верска заедница и реисот Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи и ги почитуваме сите акти на ИВЗ“, вели кондовскиот имам Амети.

Амети од пред седиштето на скопското муфтиство порача дека за нив е неприфатлива   секоја заложба спротивна на уставот на ИВЗ. На крајот од говорот замолен да ја пренесе пораката на македонски јазик имамот побара секој да си најде преведувач. Извинување за ваквиот пропуст побара Ријасетот. Оттаму молат за разбирање бидејќи службите работат во вонредни услови поради опсадата на седиштето на ИВЗ од скопскиот муфтија и неговите поддржувачи.

Инаку вчера, разрешениот скопски муфтија Шабани и генералниот секретар Тахири побараа оставка од реисот и формирање совет којшто ќе донесе правилник за избор на нов Реис и органи на ИВЗ.

 

Фиљана Кока