Кривични пријави за четворица учесници во синоќешните инциденти

06.05.2015 17:44

Лицата, како што соопшти денеска МВР, се товарат за кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“...

СВР Скопје изготви кривични пријави против четири лица од Скопје на возраст од 26 до 40 години учесници во синоќешните инциденти.
 
Лицата, како што соопшти денеска МВР, се товарат за кривично дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во извршување на службени дејствија“.
 
Првоосомничениот Б.Ј.(1974), според полицијата, и досега бил пријавуван од полицијата. - Против него се поднесени 40 кривични пријави во врска со разбојништва (15), тешки кражби (9), кражби (5), по две за насилства и измами и по една за спречување на службено лице во вршење работи од безбедноста, убиство во обид, противправно лишување од слобода, учество во тепачка, насилство извршено во група, телесна повреда и фалсификување исправа.Првоосомничениот 16 пати бил и прекршочно гонет со пријави за нарушување на Јавниот ред и мир и согласно Закон за оружје, информира МВР.
 
Според МВР, и третоосомничениот С.П. (1989) со кривична пријава во 2011 година бил гонет за насилство, а против него се поднесени и 32 прекршочни пријави во врска со нарушен јавен ред и мир.
 
Останатите двајца Б.Т. (1984) и А.Т. (1985) не биле во полициските евиденции.
 
Учесници во насилните инциденти во кои беше нападната полицијата, досега се идентификувани уште девет други лица од кои седуммина од Скопје и две лица од Битола.
 
Едно од овие лица и претходно и е познато на полицијата бидејќи против него во два наврати се поднесувани кривични пријави за недозволена трговија со наркотици. За нив се уште се утврдува евентуалната кривична или прекршочна одговорност и по извршените консултации со надлежниот јавен обвинител ќе биде процесуиран соодветен поднесок, соопшти МВР.
 
Министерството за внатрешни работи врз основа на бројните снимки објавени во медиумите, но и снимките обезбедени од видео-надзорот, продолжува да работи на целосно документирање на вчерашните насилства, откривање на учесниците и нивно изведување пред лицето на правдата.