Холандска „Антура“ ја отвори фабриката во Кочани
Од Кочани ќе се извезуваат орхидеи и други украсни цвеќиња за глобалниот пазар. Холандска Антура ја отвори новата фабриката. Инвестицијата е вредна над 6 милиони евра и ќе се отвори 300 работни места...

Успешно е реализирана уште една странска инвестиција. Во Кочани е отворена фабриката „Антура“ за производство на семенски материјал за украсни цвеќиња. Инвестицијата е вредна над 6 милиони евра. Во новата фабрика се вработија околу 150 луѓе, а во следниот период бројката треба да достигне до 400 директни вработувања. Според премиерот Груевски реализацијата на оваа инвестиција е уште една потврда дека холандските инвеститори веруваат во добрата бизнис клима во Македонија. Добрите оценки за нашата економија и условите за водење бизнис во изминатиов период стигнаа и од сите меѓународни релевантни институции.
Компанијата „Антура“ е целосно извозно ориентирана, а украсните орхидеи ќе се произведуваат со врвна технологија и ќе бидат со висока додадена вредност. Првите контакти со менаџерите биле остварени во 2012 година. Една година подоцна компанијата донела одлука за инвестирање во Македонија. Според градоначалникот, Ратко Димитровски, „Антура“ е пример кој треба да донесе нови инвеститори во Кочани.
На глобално ниво „Антура“ е позиционирана на врвот на компаниите од хортикултурната индустрија. „Антура“ има годишен обрт од над 50 милиони евра и производни локации во Холандија, Германија и Кина со над 700 вработени.
Сунчица Николоска
