Охрид ќе добие современа меѓуградска автобуска станица
Охрид конечно ќе добие современа меѓуградска автобуска станица. Договорот за реализација на овој проект го потпишаа градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и основачот на фирмата на инвеститорот од Скопје, Аднан Исмаил...

Македонскиот туристички бисер за две до четири години ќе добие модерна автобуска станица. Објектот ќе чини неколку милиони евра, а ќе има приземје, четири ката, потпокрив и придружни објекти, кои ќе ги исполнуваат европските стандарди и ќе ги задоволуваат сите потреби на патниците.
„Со изградбата на ваквата автобуска станица ние сметаме дека овој дел од градот на некој начин ќе претставува втор центар,каде што во иднина ќе се градат и други објекти кои што ќе значат заживување на овој дел на градот.Меѓутоа во истовреме ќе претставуваат можност за добар прв впечаток на сите оние туристи и гости кои што ќе стапнат на охридско тло“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Инвеститорот најави дека автобуската станица што ќе се гради во Охрид ќе биде најмодерна не само во Македонија, туку и во регионот.
„Моментално работиме на потребната проектна документација и дозволи за градба,со надеж истите во најкус рок да бидат реализирани за да можеме да отпочнеме со самата градба.Оваа прекрасна можност ќе ја искористиме и ќе ја оправдаме дадената доверба од нашите граѓани,со надеж за беспрекорна соработка и што поголема афирмација на бисерот на Македонија,прекрасниот наш град Охрид“, изјави Аднан Исмаил, основач на фирмата инвеститор.
На неодамна завршената јавна лицитација за продажба на градежно земјиште Делфина Турс стана сопственик на парцелата каде што ќе се гради автобуската станица со вкупна површина од околу 12 илјади метри квадратни. Според објавениот оглас инвеститорот има обврска да обезбеди одобрение за градба во рок што нема да биде подолг од една година.
Сашо Нелоски
