Обвинителството побара притвор за четворица учесници во протестите пред Владата

07.05.2015 12:18

Во објаснувањето се вели дека мерката до Скопскиот основен суд е предложена поради постоење околности кои укажуваат на опасност од бегство и дека осомничените ќе го повторат делото...

Скопското основно јавно обвинителство предложило да се определи мерка притвор за четири лица, кои учествувале во протестите пред владата во вторникот, откако министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за делото „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.

Во објаснувањето се вели дека мерката до Скопскиот основен суд е предложена поради постоење околности кои укажуваат на опасност од бегство и дека осомничените ќе го повторат делото.

Постапувајќи по поднесената кривична пријава, а со цел да се обезбеди непречено одвивање на истрагата од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен Предлог за определување мерка „притвор“ против сите четири осомничени лица, поради постоење на околности кои укажуваат на опасност од бегство и поради постоење на особени околности што го оправдуваат стравувањето дека осомничените ќе го повторат делото, а со оглед дека се работи за кривично дело против јавниот ред, се вели во денешното соопштение од скопското Јавно обвинителство.