О’Саливен: Проширувањето на ЕУ треба да продолжи со земјите од Западен Балкан
Проектот со Европската унија се покажа како стабилизирачки фактор и основа за економски просперитет, затоа проширувањето треба да продолжи со земјите од Западниот Балкан, изјави шефот на делегацијата на Европската комисија во Вашингтон, амбасадорот Дејвид О’Саливен за Македонската телевизија...

Европа нема да биде цела, слободна и мирна без интеграцијата на сите земји од Западниот Балкан, изјави европскиот амбасадор во Вашингтон Дејвид О’Саливен за Македонската телевизија.
„Имаме јасна перспектива за Западниот Балкан и се надеваме дека со време земјите од овој регион ќе станат земји кандидати и ќе ги завршат успешно пристапните преговори со Европската унија. Во иднина ќе видиме дали и други европски држави сакаат и како можат да се приклучат на Унијата, за што имаме јасни критериуми. Значи процесот на проширување е жив и добар“, изјави Дејвид О’Саливен, шеф на делегацијата на Европската комисија во Вашингтон.
Унијата се соочува со економски проблеми, терористички закани, бегалци од конфликтните региони и избори што можат да влијаат на заедничката европска политика, но проектот на евроинтеграција живее и ќе постои и во иднина.
„Дневно се соочуваме со нови предизвици, но со предизвици се соочуваме уште од почетокот. Наоѓање на заедничко решение и работејќи заедно е најдобар начин да се справиме со овие предизвици“, вели О’Саливен.
Деновиве кога го прославуваме Денот на Европа можеме да бидеме задоволни што Европа е успешен пример за тоа како демократските земји можат да соработуваат и творат за подобра иднина на своите граѓани, вели европскиот амбасадор во Вашингтон, Дејвид О’Саливен.
Според европскиот амбасадор во Соединетите Американски Држави, Европа може да се справи со сите предизвици на денешницата.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
