Економија

НБРМ: Раст на БДП од 4,1% во 2015-та

07.05.2015 16:17

Според првиот банкар, ризиците однадвор се намалени, но опасноста доаѓа од домашните случувања. Доколку ескалираат може негативно да се рефлектираат на економијата на начин што инвеститорите ќе бидат воздржани...

Народната банка останува на проекцијата – економијата годинава ќе расте со стапка од 4,1%, за да забрза до 4,5% во 2016-та. Последните податоци укажуваат на задржување на слична макроекономска слика како во  октомвриските проекции, со очекување за солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платно – билансна позиција која обезбедува оддржување на девизните резерви на адекватно ниво. Според гувернерот Богов, растот на економијата во оваа и во наредната година ќе се должи на релативно силниот позитивен придонес на инвестициите, извозот, а во помал дел на растот на личната потрошувачка.

„Очекуваме да се задржи продолжувањето на државниот инвестициски стимул, да продолжат позитивните ефекти од странските директни инвестиции кои се веќе влезени, а и од новите кои се во постапка. Исто така очекуваме поволни движења на пазарот на работна сила, тие да продолжат, а и да продолжи солидната кредитна поддршк“, изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Според првиот банкар, ризиците однадвор се намалени, но опасноста доаѓа од домашните случувања. Доколку ескалираат може негативно да се рефлектираат на економијата на начин што инвеститорите ќе бидат воздржани, потрошувачката ќе се намали, ќе се минусира растот, а вработувањата ќе стагнираат.

„Инвеститорите се многу чувствителни на неизвесност. Им треба сигурност, стабилност и извесност и секако пролонгирањето на случувањата на политичката сцена и нивното евентуално ескалирање би имале негативни ефекти “, додава гувернерот Богов.

Богов појасни дека Народната банка очекува да продолжи солидниот кредитен раст и  да достигне 9, а идната година 10 проценти. Банкарскиот систем, според проценките е стабилен и ликвиден, со висока стапка на адекватност  на капиталот и со учество на нефункционални кредити  од 11,6 насто.

 

Анита Димитријевска