Протести: Притвор за четворица учесници

07.05.2015 16:53

Поради опасност од бегство и можност да го повторат делото скопското Јавно обвинителство одреди осумдневен притвор за четворица учесници во завчерашните протести пред Владата...

Осум дневен притвор за четири лица кои учествувале во протестите пред владата во вторникот им одреди скопскиот Основен суд. Скопското јавно обвинителство ја предложило мерката, откако МВР поднесе кривична пријава за делото „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.

Обвинителството појасни дека мерката е предложена поради околностите кои укажуваат на опасност од бегство и дека осомничените ќе го повторат делото. Освен четворицата што добија кривични пријави за насилство, прекршочни пријави добиле уште 17 лица, а од вчерашниот протест, се идентификувани двајца насилници, велат од МВР.

„Протестот од завчера не беше воопшто најавен во полиција, така што немаме формален организатор. Дали некој се задскрива зад овие насилства во овој момент не можеме да кажеме. Разговарано е со четворицата насилници што се пријавени. Тие до овој момент не даваат никаква релевантна инфомрација во однос на тоа кој ги повикал, кој ги организирал, дали некој ги натерал да вршат насилни акти“, изјави помошникот министер за односи со јавност во МВР, Иво Котевски.

Од МВР се надеваат  дека судската постапка која претстои ќе покаже кој стои зад насилствата во протестите.

 

Викторија Тодоровска