Од есен- директна авионска врска со Црна Гора

07.05.2015 17:04

Македонија и Црна Гора ќе се поврзат со редовни авионски линии, најавуваат од превозникот „Монтенегро ерлајнс“. Црногорскиот амбасадор во земјава, пак за МТВ изјави дека двете држави се блиску до договор за субвенционирање на овој проект. И бизнисмените од двете држави гледаат корист од ова...

Македонија и Црна Гора се во напредна фаза на преговори за воспоставување директни авионски линии: Скопје – Подгорица и Скопје – Тиват. Се анализира можноста двете држави по пат на субвенции да го реализираат овој проект, кој треба да резултира со зголемен број туристи, но и потесни бизнис – врски.

„Ние планираме тоа да се реализира веќе во октомври. Ќе направиме напори, во втората половина на септември да се извршат и првите летови. Ќе направиме проекција со цел да видиме дали ќе има потребата двете влади да ги поддражат овие линии, иако тоа можеби и нема да  биде неопходно ако се има предвид големиот интерес“, изјави Далиборка Пејовиќ, претседател на Бордот на „Монтенегро Ерлајнс“.

Информацијата ја потврдува и црногорскиот амбасадор во земјава.

„Многу сме блиску до договор двете држави да дадат субвенции за реализирање на овие летови. Се работи за барана дестинација која некогаш постоеше и која е во интерес и на Црна Гора и на Македонија“, потврди Предраг Митровиќ, амбасадор на Црна Гора во Македонија.

Туристичките работници очекуваат значително зголемување на бројот на туристи на двете страни.

„Потенцијалот е исклучително голем, и за црногорските агенции кои продаваат во Македонија и за македонските агенции кои продаваат заЦрна гора“, изјави Орхан Хоџиќ, туристички работник.

Паралелно се работи и на заеднички настап на трети пазари за привлекување странски туристи.

„Ќе работиме на размена на посетители меѓу двете земји, но заеднички ќе настапуваме за привлекување туристи од Западна Европа, Далечниот Исток, Кина, Јапонија, но и САД“, вели Кристијан Џамбазовски, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот.

Свои математики има и домашниот бизнис.

„Тој пазар треба да ги почувствува македонскиот производи од прехранбената индустрија, но и телекомуникациите и транспортот се сектори со голем потенцијал за соработка“, смета Миле Бошков, претседател на Бизнис – конфедерацијата на Македонија.

Црна Гора од денеска и официјално ја отвори економската канцеларија во амбасадата во Скопје.

 

Мартин Пушевски