Стружани го облагородиjа градот со чудотворната икона и моштите на Свети Ѓорѓија

08.05.2015 11:28

Моштите на свети Ѓорѓија Победоносец и неговата чудотворна икона ја благословија Струга, означувајќи ја црковната манифестацијата што традиционално се одржува во овој град на вториот ден од празникот Ѓурѓовден, а која е единствена ваква манифестација во нашата држава и на Балканот. Моштите се носат од манастирот во Рајчица, Дебар во Струга на втор ден Ѓурѓовден, а посетеноста на оваа манифестација во Струга е со огромни размери...

Река од народ, илјадници православни верници секоја година се дел од свечената литија со моштите на свети Ѓорѓија Победоносец, која на втор ден Ѓурѓовден традиционално се одржува во Струга. Познавачите на историјата на Струга велат дека оваа литија се одржува традиционално од 19 век и е единствена од ваков вид на Балканот. Оваа манифестација со ваква голема масивност во Струга се слави веќе 6-та година.

„Литијата се пречекува низ струшките улици од многубројни дечиња облечени во народни носии кои мафтаат со знаменца со Христовото воскресение и Св. Ѓорѓи, учествува многубројниот народ, граѓани на Струга но и што е на голема радост на овој ден присигнуваат и граѓани и верници од сите краишта на нашата земја“, вели отец Кирил од Бигорскиот манастир.

Иконата на свети Ѓорѓија која е насликана од Јован Зографски во 1267 година е најстарата икона од овој светец во Македонија. Во последните три години традицијата добива помасовни димензии, затоа што со благослов на владиката Тимотеј и братството на Бигорскиот манастир и манастирот во Рајчица се носат и светите мошти на свети Ѓорѓија Победоносец. Стружани едноставно живет за овој ден.

„Празников го доживувам како воскресение. Погледнете и самите, видете ја радоста. Ми се чини денес се радува секое цвеќе, секое дрвце на велико маченикот Св.Ѓорѓи. Видете колкава е радоста помеѓу луѓево, доживејте ја, почуствувајте ја“, вели една млада стружанка.

„Како сега што било вака весело јас непамтам за моиве години. Секогаш е весел овој ден, секогаш е убав“, рече 86 годишната баба Вера од Струга.

Моштите на свети Ѓорѓија Победоносец се донесени во Македонија во 2003 година преку архимандрит Епифаниј од Атина. Му биле подарени на архимандрит Партениј, по што се сместени во манастирот „Св. Ѓорѓија Победоносец“ во село Рајчица во Дебар, кој е метох на манастирот „Св. Јован Бигорски“. Моштите се познати и по своето чудотворство и исцелителност.

 

Јованчо Наумоски