МЗ: Пациентите на гинекологија, гастро и пулмологија најзадоволни од хигиената

08.05.2015 11:36

Највисок процент пациенти кои се задоволни од хигиената е евидентиран во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (96 отсто), потоа следат Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија (95 отсто) и Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија (93,3 отсто)...

Пациентите на клиниките за гинекологија и aкушерство, гастроентерохепатологија и пулмологија и алергологија се најзадоволни од хигиената во тие јавни здравствени установи, покажуваат резултатите од истражувањето на Министерството за здравство за задоволството на пациентите во јавното здравство, спроведено изминатиот месец.

Како што соопшти Министерството за здравство, во истражувањето како еден од индикаторите за мерење на задоволството на пациентите беше опфатена хигиената во јавните здравствени установи. Во овој сегмент се бележи пораст на задоволството на пациентите, во споредба со истражувањето спроведено во 2013 година, особено кај анкетираните пациенти во рамки на универзитетските клиники.

Највисок процент пациенти кои се задоволни од хигиената е евидентиран во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (96 отсто), потоа следат Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија (95 отсто) и Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија (93,3 отсто).

Истражувањето е спроведено во форма на теренска анкета во 21 универзитетска клиника, 15 болници во повеќе градови низ државата и 32 здравствени домови, со што се опфатени вкупно 6.300 испитаници.

Согласно Законот за здравствената заштита, Министерството за здравство има обврска да спроведе анонимни анкети за задоволство на пациентите два пати годишно, а испитувањето на задоволството на пациентите е фокусирано на два општи сегменти – квалитетни услови во јавните здравствени установи и хоспитална култура во јавното здравство.