Нов кружен тек кај Порта Влае

08.05.2015 15:25

„Денес, Скопје прераснува во вистински глобален град посетен од голем број странски туристи, а што е уште поважно Скопје станува град кој може да одговори на потребите на своите граѓани“, изјави премиерот Никола Груевски...

Отворен кружниот тек кај Порта Влае и проширувањето на булеварот Партизански одреди. Вкупната инвестиција чини 53, 5 милиони денари. Во тек се подготовките за вториот дел од проектот. „Партизанска“ ќе се проширува до црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.

„Денес, Скопје прераснува во вистински глобален град посетен од голем број странски  туристи, а што е уште поважно Скопје станува град кој може да одговори на потребите на своите граѓани“, изјави премиерот Никола Груевски.

Потсети на реализираните проекти, како што се проширените булевари, катните гаражи, дел од фасадите, кружните текови, парковите, жичарата на Водно, Градскиот стадион, театри, музеи, модернизација на Зоолошката градина, набавката на нови автобуси..., и се, како што нагласи, што доликува на главен град и град со динамична демографија  и континуирана урбана експанзија.

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека ова е најголемиот кружен тек во Скопје со дијаметар од 40 метри односно коловоз со ширина од девет метри, заштитна патека од 1,5 метар и средишно зеленило.

Со реализацијата на овој проект се зголеми безбедноста во сообраќајот во овој дел од градот, а просторот доби нов лик, рече Трајановски.