Новинарите изразија револт пред СДСМ

08.05.2015 15:59

Дрвени даски метални шипки и бекатон плочки. Новинарите изразија револт пред седиштето на СДСМ за насилните протести. Нападите и заканите кон медиумските работници се недозволиви и таквата политиката треба да престане, порачаа тие...

Метални шипки, дрвени даски и бекатон плочки оставија новинари пред седиштето на СДСМ во знак на револт поради насилните протести деновиве во кои беа нападнати и повредени и претставници на фелата. „Со овие предмети демонстрантите маваа кон нас и кон полицајците. Тоа е недозволиво и апелираме веднаш да претстане“, рекоа од Македонската асоцијација на новинари.

„Протестите треба да бидат мирни и никако поинаку, но ова што се случува со напади врз новинари е недозволиво. Доколку се продолжи и понатаму да се протестира и да се продолжи политиката на закани и насилство од страна на СДСМ, мислам дека треба малку да се подзамислат и да стопираат со тоа“, изјави Слаѓана Димишковска, претседател на МАН.

Новинарите кои последниот период беа мета на физички напади велат дека протестите треба да бидат мирни и ним да им се обезбеди нормално извршување на работната задача.

„Симболиката е таква што ги враќаме сите дрва и камења кои се фрлени кон нас во изминатиот период и уште еднаш сакаме да укажеме дека ние не сме ничиј политички опоненет, сосема напротив, ние само си ја вршиме професионално нашата работа“, вели Љупчо Златев, новинар.

„Воедно сакаме да порачаме дека протестите ќе продолжат против опозицијата, за секое насилство кое ќе се случи врз новинарите во иднина доколку има таков случај. Но ние искрено се надеваме дека ќе соберат сила, ќе ги консолидираат силите и протестите ќе бидат мирни во иднина“, изјави Ивона Талевска, новинар.

Портпаролот на СДСМ, Шилегов вели дека во принцип ги осудуваат нападите кон оној кој себе си се декларира за новинар, а ги почитува минимумот од стандардите во прфесијата.

 

Миле Ристески