МВР: Шилегов покажува елементарно непознавање на законската регулатива

08.05.2015 16:37

МВР реагира дека за овој настан информирало преку својот билтен два часа пред изјавата на портпаролот на СДСМ...

Ноќеска бил нападнат претседателот на општинската организација на СДСМ од Центар, Саша Богдановиќ – соопшти партискиот портпарол. Еден од напаѓачите е уапсен. Богдановиќ според изјавата бил удиран и има повреди во пределот на главата.

МВР реагира дека за овој настан информирало преку својот билтен два часа пред изјавата на портпаролот на СДСМ. Од Министерството велат дека веднаш по настанот едно од осомничените лица е пронајдено и приведено, а како причина за физичкиот напад е наведена претходна расправија околу навивачки групи.

„Бидејќи Петре Шилегов по урнек на неговиот лидер презентира елементарно непознавање и непочитување на законската регулатива, министерството мора да појасни дека не е во наша ингеренција да кажуваме кој е сторител. Тоа го прави судот по оценување на сите докази во судската постапка. Министерството има ингеренции да поднесе кривична пријава против осомничено лице. Се додека постапката е во оваа фаза, министерството има обврска да внимава на пресумпцијата на невиност на осомничениот, за разлика од газењето по уставот што го прави Шилегов. Министерството за внатрешни работи јавно го повикува Шилегов, доколку има каква било информација или доказ за инволвираност и на некое од лицата кои ги наведува, истите да ги достави до најблиската полициска станица. Во спротивно ќе сметаме дека повторно станува збор за уште една срамна манипулација“, стои во соопштението на МВР.