Опозицијата во Собрание, истрага за случаите
Опозицијата да се врати во Собранието и да се спроведе истрага за наводите на СДСМ поврзани со аферата прислушкување. Еврокомесарот Хан го повтори очекувањето на Брисел за разврска на македонската политичка криза. Случувањата беа незаобиколлив дел и од посетата на Данска на шефот на дипломатијата Попоски. Останува поддршката во евроинтеграциите...

Во екот на клучните три месеци за извештајот за напредок на Mакедонија, политичката состојба во земјава е во врвот на агендата на македонската дипломатија. Во билатералната и мултилатералната комуникација со соговорниците, министерот за надворешни Никола Попоски го нотира интересот на колегите за конструктивен политички дијалог. И последната работна посета на Kопенхаген мина во дух на јакнење на севкупната соработка, данската поддршка за евроатлантската интеграција, како и за надминување на политичките недоразбирања и јазот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
„Данска како земја која била дел од првото проширување на Европската унија се надева дека ќе може да се реализира во поскоро време и членството во НАТО за Македонија и почетокот на преговорите. Всушност е една од земјите-лидери кои се залагаат за напредок на Македонија во евроатланските интеграции. Разговаравме околу тековните предизвици, се разбира дека политичкиот дијалог е во центарот на вниманието и се очекува надминување за да не може да се користи тоа како изговор за блокадите кои ги имаме во изминатиот период“, изјави за МРТ министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Оценувајќи ја како сериозна состојбата во земјава, за време на посетата на Белград, еврокомесарот Јоханес Хан ги потврди напорите преку Европскиот парламент да се дојде до решение, со независна истрага, опозиција во Собранието и формирање анкетна комисија.
„Што е многу важно , опозицијата да се врати во Собранието кадешто треба да се создаде политички комитет за да се справи со политичка одговорност за целото прашање. Паралелно, независно од политиката треба да се следи и од судството за криминалните аспекти. Ние понудивме како Европска комисија да ги подржиме со неопходните експерти со што ќе се гарантира независност на истрагата“, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
За ова, ЕК понудила експертска помош, но одговорноста е кај клучните актери оцени Хан за кого е релевантен е и начинот на справување со состојбата како дел на европската перспектива на Македонија.
Зоран Богатинов
