Политика

Членови на ДОМ преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ

08.05.2015 16:58

ДОМ на Лијана Поповска се распаѓа откако претседателката на партијата објави дека излегуваат од владината коалиција. Членовите реагираат дека таа донела радикална одлука и решиле да преминат во ВМРО-ДПМНЕ. Поповска вели ваквата постапка на нејзините луѓе е резултат на притисок...

Повеќе од 90 насто од членовите на ДОМ не се согласуваат со раководството на партијата да излезе од владејачката коалиција. Во нивно име, незадоволството го обзнани претседателот на кривопаланечкиот огранок Радивој Маџовски кој соопшти дека голем дел од поддржувачите на партијата ќе преминат во ВМРО-ДПМНЕ. Откако, раководството донело радикална одлука без да ги консултира ограноците, поддржувачите од Кисела Вода, Прилеп, Охрид, Струга, Кочани, Лозово и Велес ги поништија партиските книшки.

Од ДОМ велат дека оваа политичка одлука на доскорешните сопартијци е резултат на притисоци. Претседателката вели дека не отстапуваат од одлуката.  

Маџовски соопшти дека во ВМРО-ДПМНЕ преминува и заменик министерот за животна средина Стево Темелковски. Поповска пак вели дека тоа не е вистина.

МТВ се обиде да стапи во контакт со заменик министерот, но тој не беше достапен за коментар.

 

Анита Димитријевска