Политичката нестабилност ги брка туристите, инвеститорите воздржани!

08.05.2015 17:30

По бизнисмените, и туристичките работници со предупредување – поради политичката нестабилност, странските туристи почнаа да ја одбегнуваат Македонија. Според нив, аранжманите во македонската метропола се скастрени за половина. Бараат разврска...

Политичката криза сериозно и се заканува на македонската економија. Бизнисот го крева гласот. Туристичките работници предупредуваат - како резултат на нестабилноста во земјава, странските туристи ја одбегнуваат Македонија. Аранжманите во македонската метропола се скастрени за над 50%.

„Политичките состојби во државата не се на некое завидно ниво, поготово кога ни претстои туристичка сезона, која треба да ја искористиме максимално. Ако една сезона се расипе, следните не се враќаат на истото ниво“, вели Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија.

Инвеститорите се претпазливи и воздржани. Ги одложуваат плановите  за развојни активности  што доведува до застој на стопанството. Бизнисот, коментира - растот кој го  прогнозираат Европска Комисија и Централна банка е остварлив, ако не се нарушат економските текови.

„Растот зависи од целокупниот обем и сметаме дека оваа прогноза ќе се оствари доколку не дојде до некои непредвидени економски текови“, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис – конфедерација на Македонија.

Нема дилема дека ваквата ситуација на долг рок ќе има негативно влијание врз економијата- укажуваат креаторите на фискалната и монетарната политика. Народна банка очекува раст на БДП од 4,1 процент. Ако заканите порано доаѓаа однадвор, сега главното жариштето е дома – во актуелната политичка криза- вели гувернерот Димитар Богов. Вели, инвестициите ќе бидат мотор на економијата , но  кризата влијае дестимулирачки.

„Домашните политички случувања се фактор на ризик, којшто може да ја загрози оваа поволна слика за македонската економија и овој поволен тренд кој очекувавме трета година да продолжи“, смета Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Позитивните економски резултати и пречат на опозицијата – вели  премиерот Никола Груевски. Според него, економските успеси на земјава некому не му одговараат и затоа предизвикуваат тензии и лоши сценарија.

 

Наташа Гркова- Петрушевска