Голема полициска акција во Куманово- вооружена група планирала терористички напади

09.05.2015 16:23

Веќе 12 часа голема полициска акција се одвива во Куманово. МВР соопшти дека се разбива вооружена терористичка група која планирала напади врз државни институции. Влегла илегално од соседна држава и преку свои поддржувачи се утврдила во кумановската населба...

Вооруженa терористичкa групa од соседна земја илегално влегле во Mакедонија и планиралa терористички напад врз државните институции. МВР изутрината  ја отпочна акцијата во кумановската дива населба за разбивање и откиривање на терористите. Полицијата на терен наишла на жесток отпор.

Надлежните служби при Министерството успеаја да ја лоцираат во кумановската „Дива населба“, односно во неколку куќи во населбата. Сознанијата говореа дека станува збор за група која е добро вооружена и обучена за борба во вакви услови. Врз основа на претходните информации беше изготвен план за постапување и беше формиран штаб кој ги координира активностите. Околу 5 часот денеска, специјалните единици отпочнаа со реализација на планот. Истите наидоа на жесток отпор од терористите кои ги нападнаа со автоматско оружје, бомби и снајперски оган. На нападот е одговорено исклучително внимателно и соодветно на ситуацијата“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР.

Од Mинистерството за внатрешни не откриваат дали има жртви. Акцијата во Kуманово сеуште трае. Полицијата заради спецификите на теренот напредува тактички и мора да врши претреси во околните куќи поради безбедности причини. Од МВР апелираат граѓаните и јавноста да останат мирни и да се воздржуваат заради чуствителноста на ситуацијата.

МВР не соопштува дополнителни информации и повеќе детали најавија во текот на денот.

 

Викторија Тодоровска