Хан: Сите политички лидери да соработуваат за да се врати мирот
Хан апелира сите актери да покажат воздржаност и да се избегнува каква било ескалација во интерес на стабилноста на земјава...

Реакции по случувањата во Куманово. Еврокомесарот Јоханес Хан со повик: властите и сите политички лидери да соработуваат за да се врати мирот, а настаните целосно да се испитаат на објективен и транспарентен начин во согласност со законот.
Хан апелира сите актери да покажат воздржаност и да се избегнува каква било ескалација во интерес на стабилноста на земјава.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл, предупреди дека судирите на македонската полиција со вооружените групи во Куманово претставуваат пресвртница и оти нивната ескалација би ја загрозила стабилноста не само на земјата, туку и на целиот регион.
Словенечкиот европратеник, кој заедно со неговите колеги од Европскиот парламент, Ричард Ховит и Едвард Кукан, посредува меѓу македонската власт и опозицијата за надминување на политичката криза, истакнува дека политичките партии се должни да го обезбедат функционирањето на државните институции, вклучувајќи го и парламентот.
Политичките лидери во Македонија имаат одговорност да спречат ескалација на насилствата на улиците, како од страна на демонстрантите, така и од полицијата, вели Вајгл и ги повикува сите македонски државни институции да се вклучат во спречувањето на какво било физичко или вербално насилство и тероризам.
