Седница на Советот за безбедност- во проширен состав
Се очекува Советот за безбедност да ја разгледа актуелната состојба во земјава и да донесе заклучоци. По завршувањето на седницата ќе следува обраќање на претседателот, Ѓорге Иванов до граѓаните на Република Македонија...

Состојбата во Куманово, причина претседателот Ѓорге Иванов да ја свика седницата на Советот за безбедност, овој пат во проширен состав. Освен редовните членови, шефот на државата, претседателот на Собранието, Вељаноски, премиерот Груевски, министрите Јолевски, Јанкулоска и Попоски и членовите Креци, Кадриу и Сејдини, поканети се и лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, Заев, Ахмети и Тачи.
Според информациите од кабинетот на Претседателот, присуството го потврдиле првите луѓе на СДСМ и на ДПА, Заев и Тачи. Почетокот на седницата на Советот за безбедност на Република Македонија беше закажан за 17 часот.
Се очекува Советот за безбедност да ја разгледа актуелната состојба во земјава и да донесе заклучоци. По завршувањето на седницата ќе следува обраќање на претседателот, Ѓорге Иванов до граѓаните на Република Македонија.
Тој вчера ја прекина посетата на Руската федерација и се врати во Македонија откако состојбата во Куманово ескалираше по акцијата на полицијата за разбивање вооружена терористичка група.
Еден час пред почетокот на седницата на Советот за безбедност, до граѓаните се обрати премиерот Груевски. Соопшти- македонската полиција ја имала најтешката и најкомлицирана операција досега затоа што станувало збор за разбивање на најопасната терористичка група на Балканот. Порача дека ова не е Македонско-албански судир и дека нема да се дозволи дестабилизација на државата.
Стојан Трпчевски
