Иванов: Нема да дозволиме ескалирање на состојбата
Спречена е намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата, кои имаа за цел предизвикување сериозна дестабилизација, хаос и страв. Со преземената акција полицијата имаше за цел да спречи и цивилни жртви. Заради ова, беа претрпени човечки и материјални загуби...

На седницата на Советот за безбедност на Република Македонија, на којa покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и претставници на политичките партии СДСМ, ДУИ и ДПА, се изрази најостра осуда за нарушувањето на редот и безбедноста од страна на поединци и групи, чија цел беше дестабилизација на Македонија, соопшти претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Спречена е намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата, кои имаа за цел предизвикување сериозна дестабилизација, хаос и страв. Со преземената акција полицијата имаше за цел да спречи и цивилни жртви. Заради ова, беа претрпени човечки и материјални загуби.
„Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно-криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини. Во ниеден момент и на ниеден начин не ги потценивме, ниту можноста, ниту намерата и капацитетите на оваа група да извршат терористички напади. Затоа беше со толкав обем и акцијата за нивно неутрализирање. Затоа, за жал, плативме висока цена со човечки животи. За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат“, соопшти претседателот Иванов во своето обраќање.
Претседателот Иванов нагласи дека властите нема да дозволат ескалирање на тензиите и дека се прави сè што е потребно за да не дојде до дестабилизација на државата и нарушување на меѓуетничките односи. Побара од граѓаните на Република Македонија- трпение, воздржаност, мудрост, како и поддршка од лидерите на политичките партии, да се однесуваат одговорно и да бидат на висина на очекувањата на граѓаните.
Иванов и побара поддршка и од медиумите да бидат на ниво на прифесионалноста и одговорноста што ја имаат. Ќе биде потребна и поддршката на меѓународната заедница, нагласи претседателот, додавајќи дека статус-кво ситуацијата во евроатлантските интеграции ни создаваат фрустрации во политичкиот и меѓуетничкиот живот и нè прават ранливи и подложни на обиди за дестабилизација.
„Барам од меѓународната заедница, од Европската унија и НАТО, со најголема сериозност да се ангажираат и да најдат начин да ги деблокираат евроатлантските интеграции, за доброто на Република Македонија и на целиот регион. Во тој правец барам целокупното македонско општество, особено политичките лидери, да пристапиме кон политички дијалог, кон надминување на сите слабости што во континуитет ги нотира Европската комисија. Политичкиот дијалог во земјава предолго го нема. Крајно време е лидерите на политичките партии да почнат да разговараат и да бараат решенија за политичката криза“, нагласи Иванов во обраќањето до јавноста.
Иванов нагласи дека мора да се надминат теснопартиските интереси, да се обединиме околу највисоките цели - стабилна, просперитетна, европска и евроатлантска Македонија.
За оваа цел да престанат личните и меѓупартиските конфронтации. Видовме што тие ни донесоа. Нема оправдување за секој оној што не се однесува согласно овие цели, подвлече во обраќањето Иванов упатувајќи пофалба за денешното присуство на лидерите и претставниците на партиите на Советот за безбедност кога се разговара за најсуштественото прашање на секоја држава - безбедноста.
Одговорност за состојбите во Република Македонија, потенцира претседателот Иванов, мора да има и за сето она што е сторено, за сето она што не е сторено, а требало да се стори. Тој ги повика граѓаните на Македонија на разум и трпение и да не подлегнуваат на провокации.
„Ве уверувам никој нема да ја избегне одговорноста. РМ била фактор на стабилност и соработка во регионот и пример за меѓуетнички соживот. Тоа не смееме да го нарушиме. Треба да одиме напред, а не назад. Затоа што република Македонија е единствената заедничка татковина што ја имаме“, порача вечерва Иванов.
Тој изрази жалење за загубените животи на припадниците на МВР и побара мудрост од граѓаните, поддршка од лидерите на политичките партии да се однесуваат одговорно, како и од медиумите.
За заклучоците од седницата на Советот за безбедност, како што најави претседателот Иванов, јавноста ќе биде дополнително информирана.
На седницата на Советот за безбедност, во проширен состав, присуствуваа претседателот на републичкото Собрание Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, како и членовите на СБ Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини, како и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.
