На „Ало докторе“ - 34.834 повици
11.05.2015 08:59
Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето...

На телефонската линија за медицински совет „Ало докторе“ од 15 септември до вчера имало 34.834 повици.
Здравствен дом - Скопје соопшти дека од 4 до 10 мај на линијата имало 855 повици. Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.
Дваесет и двајца доктори се достапни за медицински совет, а јавувањата се од граѓани од сите градови на Македонија. На сите лица кои се јавиле на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена соодветна медицинска помош преку здравствен совет и соодветна симптоматска терапија.
Јавувањата најчесто се со широк спектар на најразлична симптоматологија, симптомна болка, кардиоваскуларни и респираторни симптоми од променливите временски услови.
Во кол центарот „Ало докторе“ секој ден од 18 до 22 часот за медицински совет се дежурни и достапни директорите на јавните здравствени установи.
На линијата денеска од 18 до 22 часот за медицински совет ќе биде достапен директорот на Клиника за детска хирургија, д-р Ристо Симеонов, а утре д-р Емилија Велкова од Републичкиот завод за трансфузиологија . На 13 мај во кол центарот „Ало докторе“ дежурен ќе биде проф.д-р Зоран Спировски од Клиниката за торакално васкуларна хирургија, на 14 мај проф.д-р Игор Кузмановски, директор на Клиниката за неврологија, а на 15 мај проф.д-р Александар Чапароски, директор на Клиниката за нефрохирургија.
На 16 мај од 18 до 22 часот дежурен ќе биде проф.д-р Сашо Караѓозов, директор на Клиниката за дигестивна хирургија, а на 17 мај д-р Соња Кузмановска од Институтот за клиничка биохемија.
