Куманово се враќа во нормала, атмосферата во градот мирна
„Тоде Мендол“ ги прибира Кумановци. Раселените мештани се враќаат во домовите во кои преку урнатините се наѕира распарчената покуќнина. Се проценуваат штетите. Маркетите, пекарите, пазарот – се отворени од утрово. Институциите работат. Градот се враќа во нормала...

Куманово се враќа во нормалното секојдневие. Само засиленото присуство на полицијата е нем сведок за инцидентот од викендот. Маркетите, пекарите, пазарот – се е отворено. Институциите работат. Единствено училиштата и градинките се празни.
„Градоначалникот соопшти дека во следните два дена нема да се следи настава“, ни рече еден жител.
Општинските инспектори ги сумираат штетите од теренот. Владата веќе најави дека ќе ги обештети семејствата чии домови настрадаа.
Раселените мештани се враќаат во домовите. Под урнатините се наѕира распарчената покуќнина. Штетите се бројат во илјадници евра.
Кумановци никогаш не биле посплотени. Совесните сограѓани ја испорачаа и првата хуманитарна помош. Се сервисира и електричната енергија, за Дивата населба повторно да добие струја. Жителите велат дека полицијата им помогнала во најтешките мигови.
„Полицијата беше коректна, значи прекоректна. Постапуваше правилно, ги извлече и албанците и македонците од куќите. Кој сакаше да остане, остана. Ние тројца, четворица што останавме, останавме на своја одговорност. Полицијата беше фер премногу, одработија како што треба, не малтретираа никој, ниту Македонец ниту Албанец, туку ги извлекоа со хермелини“, вели еден жител на населбата.
Колку хуманите луѓе сакаат да помогнат, толку крадците ја искористиле маката на сограѓаните за да им ги ограбат домовите. Украдени се телевизори, компјутери, пари и накит.
„Тука фали телевизор, компјутер, ограбено е и скршено“, вели еден жител.
Оваа жена и нејзиното семејство не биле дома за време на престрелката. Сведочеше дека непознати лица им провалиле во куќата.
„Тие јаделе, го нашле лебот, јајца вареле, пиеле кафе, кикирики јаделе...“, вели жителката на кумановската населба.
Во престрелката целосно изгореа и неколку возила, а настрадаа и околните дуќани.
Анита Димитријевска
