Последните настани- закана за економијата

11.05.2015 16:48

Прогнозите за растот на економијата се реални, но последните настани се закана за стопанството. Бизнисот предупредува...

Европската економска прогноза е добар сигнал за домашната економија. Капиталните инвестиции, градежништвото, индустриското производство  ќе бидат главниот двигател на економскиот раст во периодот што следи. Проекциите што ги даде Европската комисија се истите со кои на почетокот на годинава излезе и Сојузот на стопански комори. Според претседателката Данела Арсовска, создавањето нови работни места во секторот производство и засилените активни мерки на пазарот на трудот ќе донесат до значајно забрзување на растот на БДП.

„Сите овие проекции кои ги имавме, сега во наредниот период ќе треба да се земат со резерва поради новонастанатата ситуација и се надеваме дека ќе бидат остварливи во периодот кој следи“, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Македонската економија има сила за уште поголем раст на БДП од проекциите на светските финансиски институции вели консултантот, Горан Рафајловски. Според него треба да се засили соработка на домашните фирми со странските инвеститори. Ваквата активност ќе ја намали невработеноста и ќе ја зголеми личната потрошувачка. Зацврстувањето на домашната побарувачка ќе го поттикне и понатамошното забрзување на растот.

„Компаниите кои за нив ќе работат услужно, или ќе работат полупроизводи, ќе донесат огромен број на работни места, со платени придонеси, со плаени даноци, работни места кои значат за развојот на Република Македонија“, смета Горан Рафајловски, сопственик на консултантска компанија.

Повисокиот економски раст значи повеќе работа за банките. Банкарскиот сектор е подготвен засилено да ги кредитира компаниите, но потребна е добра стратегија за да бидат конкурентни.

„За големите компании кои сакаат да бидат конкурентни, тие мора да постигнат одредено ниво на производство и од тој аспект, извозот дефакто не е само предизвик, туку и начин да се осане конкурентен“, вели Глигор Бишев, банкар.

За проекциите на Европската комисија да бидат остварливи бизнис секторот очекува брза разрешница на настанатата политичка ситуација.

Прогнозите на стопанствениците и на НБРМ се дека штетите во домашната економија ќе бидат видливи во вториот квартал од годината.

Сунчица Николоска