НАТО: Македонската полиција на висина на задачата
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг коментирајќи ја полициската акција од викендот, од Брисел ги пофали безбедносни сили за успешното справување со терористичкиот напад на земјата...

Случувањата во Куманово ќе се најдат на дневен ред на состанокот на ниво на министри за надворешни работи на земјите- членки и земјите- партнери на НАТО при крајот на неделава. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг коментирајќи ја полициската акција од викендот, од Брисел ги пофали безбедносни сили за успешното справување со терористичкиот напад на земјата.
„Македонската полиција беше подготвена да се справи и таа се справи со ситуацијата, но за жал со загуби. Сепак, полицијата докажа дека може да се справи со ситуацијата“, изјави Столтенберг.
Првиот човек на Алијансата рече и дека е охрабрен од фактот што сите политички лидери во земјата дадоа јасна осуда на насилството. Столтенберг најави и скорешна средба во канцеларијата за врски во Скопје со македонските власти, на која очекува претставниците на Алијансата да бидат информирани за сегашната ситуација.
„Верувам дека ќе се остварат и блиски контакти меѓу Скопје и Приштина за овој настан. А, во овој дел повикувам на транспарентна истрага за тоа што се случи и да се види како се случи,со цел да се превенира нешто слично да не се случи повторно и да нема повеќе употреба на насилство“, изјави генералниот секретар на НАТО.
Столтенберг посочи дека НАТО и натаму со внимание ќе го следи одблиску развојот на настаните во Македонија.
Марина Стојанова- Тонева
