Македонците повеќе сакаат домашни отколку странски производи

12.05.2015 16:16

Според истражувањата на агенцијата Медиана, 70% од македонските граѓани го поддржуваат концептот за купување домашни производи доколку тие го задоволуваат бараниот квалитет...

Македонските производи за широка потрошувачка заземаат голем дел од потрошувачката кошница. Најмногу доминираат прехранбените продукти. Според истражувањата на агенцијата Медиана, 70% од македонските граѓани го поддржуваат концептот за купување домашни производи доколку тие го задоволуваат бараниот квалитет.

„Мислам дека таа расположеност е најизразена кај нас, отколку во било која друга земја во регионот. Значи постои голема свест и волја да се купуваат македонски производи, нормално ако тие го задоволуваат квалитетот кој потрошувачите го очекуваат“, вели Владо Рикаловски, менаџер на агенција за истражување.

Потрошувачите најчесто избираат квалитетни производи констатираат домашните производители. Велат дека тие постојано вложуваат во подобрувањето на квалитетот на понудата.  

„Сметам дека треба да се води сметка на едукацијата која потрошувачите ја добиваат од компаниите- што е важно за нивното здравје при конзумацијата на производите“, вели Поликсена Ристеска, маркетинг менаџер.

Според Верица Мартиновска, организаторот на првиот Самит за трговија со стоки за широка потрошувачка, регионалните и светските брендови присутни на македонскиот пазар претставуваат репер за локалните производители.

„Ова е динамичен сектор кој ја одржува економијата кај нас, и секаде во светот. Се работи за стока за широка потрошувачка и нешто што секојдневно сите од нас го конзумираат и според основните показатели кои ги имаме, апсолутно е двигател на целата економија“, нагласува Верица Мартиновска, уредник на магазинот „Ин Стор“.

На Самитот за трговија со стоки за широка потрошувачка во учествуваа над 250 трговци, произведувачи, дистрибутери, консултанти, агенции и компании кои водат придружни дејности. 

 

Сунчица Николоска