Почна проценката на штета врз објектите од дивата населба во Куманово
Централната и локалната власт почнаа со координација. Владата на синоќешната седница одлучи за висината на отштета и за настраданите полицајци и за сите кои учествуваа во антитерористичката операција викендот. Ќе бидат наградени и медицинските екипи...

Комисијата за проценка на штети ја почна работата. Беше и во ќуќата на Ќамил Аземи која е целосно уништена. Сите 11 члена од семејството се кај роднините. Вели, неопходна им помош.
На семејствата чии домови се оштетени и во нив нема услови за живеење, Владата одлучи да им се обезбеди привремено сместување или додека трае санацијата да добиваат надоместок за кирија. Овие семејства ќе добијат и еднократна помош во висина од 100.000 денари. И Неџад Османи се надева на помош, куќите во кои живеат 30 члена од најблиското семејство се оштетени.
Предвидено е проценката на штетите да трае 7 дена. Денеска беа поминати сите куќи на улицата каде што акцијата била најжестока.
Обештетување на недвижниот и движниот имот граѓаните ќе добијат во висина од 100% од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата. И додека се чека на обештетувањето, Црвениот Крст донесе помош за 100 семејства.
Животот во кумановската Дива Населба го живее своето секојдневие. Луѓето се по дворовите и на улиците. Екипи работеа на терен за повторно да има струја.
Наташа Јанчиќ
