ЕК: Инцидентот да не ги разединува партиите

12.05.2015 17:24

Брисел бара целосно расветлување на случајот, и иако дипломатски се воздржуваат од етикетирање на вооружената група, јасно и недвосмислено потенцираат дека инцидентот ја продлабочува полтичката криза...

Трет ден по терористичкиот напад во Куманово, официјален Брисел молчи за низа отворени прашања, како на пример зошто силите на Еуролекс кои ја обезбедуваат границата со Косово не успеале да го спречат навлегувањето на терористичката група во територијата на Македонија ниту пак зошто разузнавачките служби на 17 држави не се одзвале на барањето за соработка кое го упатил претседателот Иванов.

„За она што вчера зборувавме, тоа не е во никој случај критикување, ние повторно ги повикавме сите лидери на политичките партии во земјата да седнат заедно и да почнат со решавање на најважните прашања, и ве молам не избрзувајте со заклучоци“, изјави портпаролката на шефицата за европска дипломатија, Маја Коцијанчич.

Брисел бара целосно расветлување на случајот, и иако дипломатски се воздржуваат од етикетирање на вооружената група, јасно и недвосмислено потенцираат дека инцидентот ја продлабочува полтичката криза.

„Ги повикуваме сите инволвирани партии да соработуваат и да го одредат тоа што се случува, кој е одговорен за тоа, и да реагираат единствено за ова прашање. Овој инцидент не смее да ги оддалечи од многу сериозната ситуација во БЈРМ и ги повикуваме Владата и опозициската партија да соработуваат“, изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Колку за споредба, неодамнешниот напад на Шарли Ебдо во центарот на Париз експресно брзо беше оквалификуван како терористички акт, и во ниеден момент не се побара одговорност од Француските власти. Пофалбата за професионалноста на македонската полиција при справувањето со терористите во Куманово беше нагласена и во изјавата на првиот човек на НАТО.

Македонската полиција беше подготвена да се справи и таа се справи со состојбата, но за жал со загуби. Сепак, полицијата докажа дека може да се справи со ситуацијата“, рече Јенс Столтенберг.

Со оваа изјава, Столтенберг ги дискредитира обвинуванњата на одредени медиуми насочени против македонските безбедонсни сили и безбедноста на земјата воопшто.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ