Собраниска седница за избор на нови министри за внатрешни и за транспорт

13.05.2015 11:14

Митко Чавков за внатрешни работи, Владо Мисајловски за транспорт и врски. Предлози за избор на нови министри по оставките што ги поднесоа Јанкулоска и Јанакиески. И директорот на ДБК Мијалков заминува од функцијата. Во политичките кругови, самоинцијативните оставки се толкуваат како моќен и вешт политички чекор. Седницата за избор на новите членови на владата е закажана за денеска во 13 часот...

Министрите за внатрешни работи и транспорт и врски Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, но и првиот човек на управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заминуваат од досегашните функции.

Премиерот Никола Груевски до Собранието достави предлог за избор на двајца нови членови на владата. За нов министер за внатрешни работи се предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. 

Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски седницата за избор на новите членови на владата ја закажа за денеска во 13 часот.

Оставките на министрите Јанкуловска и Јанакиески , но и на Мијалков во политичките кругови се оценети како таинствен, но и моќен и вешт политички чекор. Тие со сигурност остануваат носечки кадар во ВМРО-ДПМНЕ.

За Груевски пак не е изненадувачки ваквиот политички потег. Коментарите се дека сега топката е кај опозицијата, а Македонија мора да продолжи да чекори напред.

Според многумина со прифаќањето на оставките, Груевски направил  неочекуван  чекор  кон опозицијата, со лидерство го насочува решавањето на политичката криза. Со овој потег Груевски покажува дека нема од што да се плаши, покажува убеденост во своите политики, и одлучност во намерата до крај да се расчисти со се, убеден во тоа дека вистината е на негова страна.