НБРМ: Економијата закрепнува со солидно темпо

13.05.2015 11:40

Девизните резерви се проценува дека ќе се задржат на адекватно ниво, што е доволно за справување со евентуални непредвидливи шокови...

Економијата закрепнува со солидно темпо, поддржана меѓу другото и од кредитната активност на домашните банки, велат од Централна банка.  Постои соодветен амбиент и за одржливо закрепнување на приватниот сектор.

Се очекува подобрување на глобалното опкружување, зголемена искористеност на потенцијалот на странските извозни капацитети, фискален стимул врз инвестициите, закрепнување на потрошувачката.

Македонија има доволно девизни резерви за справување со евентуални, непредвидени шокови, стои во соопштението на НБРМ.

Ризиците сега доаѓаат од домашни неекономски фактори, смета Народна банка, и од неизвесноста околу политичките случувања кои можат негативно да се одразат врз домашната економија.

Движењата се следат, а доколку е потребно ќе бидат направени и соодветни промени во монетарната политика, стои во известувањето на креаторот на монетарната политика во државава.