Чавков и Мисајловски, нови министри за внатрешни работи и за транспорт и врски

13.05.2015 15:13

Констатирани се оставките на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески. Премиерот Груевски го образложи предлогот...

Митко Чавков е новиот министер за внатрешни работи, а Владо Мисајловски за транспорт и врски. Констатирани се оставките на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески. Премиерот Груевски го образложи предлогот.

Премиерот Груевски во своето образложение потенцира дека Јанкулоска и Јанакиески, како и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кој исто така поднесе оставка, досега биле пример за раководење на тешки позиции и работливост.

Се работи за личности кои дадоа огромен личен влог, во развојот на стабилноста и безбедноста на државата. Јанкулоска и Мијалков беа осум години на многу ризични и тешки за раководење позиции. Покажаа професионалност и патриотизам, смиреност, неверојатна лојалност кон државата и секогаш да застанат под браникот на татковината, рече Груевски.

Под нивно раководство, потенцираше тој, граѓаните видоа како на најсложените и најкомплицираните предизвици како и последната успешна акција во Куманово, тие секогаш цврсто стоеја зад интересите на македонскиот народ, но и заштитата на безбедносните сили на Македонија.

Според Груевски, тие заслужуваат почит и за нивната крајна цврста одлучност за справување со криминалот и корупцијата.

За Јанакиески, Груевски рече дека е фанатичен работник, неверојатно брз и динамичен, експедитивен, стручен и чесен човек и министер. Човек кој помагал секаде и секому и кој е неуморен работник.

За предлогот Чавков да биде министер за внатрешни работи, премиерот Груевски истакна дека тој веќе 28 години работи посветено во МВР на сите ниво, почнувајќи од инспектор па до директор на Бирото за јавна безбедност која што е функција именувана од Владата, исклучително искусен човек во професијата со ниту една дамка во својата кариера.

Владо Мисајловски е актуелен директор на Агенцијата за патишта на РМ која во моментов води крупни проекти за изградба на три автопати во Македонија, голем број на градби и конструкции на регионални и на локални патишта. Претходно беше државен секретар во Министерството за транспорт каде ја организираше работата на сите покрупни проекти на Министерството.

Станува збор за човек кој одлично ги познава проектите на Министерството за транспорт, реформите кои се во тек во секторите кои се во надлежност на Министерството, проектите од Програмата на Владата и нивната динамика на реализација, истакна премиерот Груевски.